30 June 2013

Водич за Hattrick почетници

Нов си на Hattrick и не си сигурен што да ти биде следниот чекор? Во тој случај овде си на вистинското место!

Овој водич е наменет да ти даде одговори на многуте често поставувани прашања и се разбира да ти го олесни влезот во ХТ светот.

Овој водич е поделен во повеќе поглавја и се проширува и ажурира постојано.

Содржина

  1. Први чекори
  2. Грешки што треба да се избегнат
  3. Менаџерска лиценца
  4. Тренер
  5. Персонал
  6. Тренинг
  7. Видови на тренинг
  8. Кондиција
  9. Поставки/наредби за натпреварот
  10. Ѕвезди
  11. Трансфери
  12. Финансии
  13. Стадион
  14. Форма
  15. Тимски дух и самодоверба
  16. База за пријателски натпревари
  17. Збир од линкови
  18. Разно
  19. Деноминации и чести кратенки
  20. За читање
  21. Генерални забелешки за оваа тема и повеќе

1. Први чекори

1.1. Само што го добив мојот тим. Што треба да сторам?
- Треба да изготвиш долгорочен план којшто ќе ти овозможи задоволство при водењето на твојот клуб. Не е добра идеја да се фрлат сите пари за трансфер на играчи. Hattrick е маратон, а не спринт. Учи од други менаџери и користи го за таа цел форумот за поставување на прашања.

1.2. Треба да ја завршам менаџерската лиценца, но сеуште не сфаќам некои работи. Може да ми објасниш повеќе за тоа?
- Повеќе информации тука.

1.3. Сега сакам да преземам некои први разумни чекори. Објасни ми повеќе!
- Како прво: треба да го ѕирнеш тимот. Каков вид на играчи имаш? Кои од нив се млади? Има ли некои играчи чии што вештини отскокнуваат од останатите? Кој дел од тимот ги содржи најслабите играчи? Која е општата кондициона состојба на момците?

Откако ќе го направиш тоа, треба да размислиш каков тип на тренинг ќе одбереш (можеш да најдеш преглед на најчестите типови на тренинг и општи забелешки за тренинг нешто подоцна во оваа статија).
Исто така, ова е моментот кога можеби би сакал да побараш CHPP алатка малку да ти помогне (но, ова не е задолжително, можеш да играш Hattrick и без таква алатка!).

1.4. Мојот тренер... да го отпуштам и да си земам нов?
- Не, новите тимови добиваат преоден (=6) тренер уште од почеток, што е сосема пристојно за почеток. Лидерските способности (водство) на тренерот сеуште немаат особено значење за натпреварување во лигата во којашто се наоѓаш моментално. Во основа водството е од значење кога ќе почнеш да користиш натпревар на сезоната и/или играј опуштено и истото го употребуваш осмислено и стратегиски. Значи, високо водство во моментов би било само фрлање на значајни ресурси.

1.5. Што сега?
- Досега најверојатно веќе си нашол тип на тренинг за твојот тим. Исто така сигурно си ги поминал одговорите на прашањата во точката 1.3. Сега е време да се најдат соодветни тренирци (млади играчи кои треба да се тренираат). Истите можат да се најдат на трансфер листата. Биди внимателен и немој да купуваш се и сешто!
Повеќе детали за тренирци можеш да најдеш тука.

1.6. Кондиција?
- Првичниот тим секогаш има релативно лоша кондиција. Откако ќе одбереш тип на тренинг и си купил тренирци, треба да размислиш за стратегија како на сите твои играчи (старите што не си ги продал или отпуштил и младите што си ги купил) да им ја зголемиш издржливоста (кондицијата) на задоволително ниво. Добра идеја е на почетокот да се држи релативно висок удел на кондиција во тренингот (првите неколку недели) за потоа кондициониот удел да го намалиш. Ќе треба самиот да го најдеш оптимумот за твојот тим. За секој тим тој оптимум може да е различен.

1.7. Постојат ли и други (навистина значајни) работи што треба да ги прочитам што е можно побргу?
- Да. Во секој случај треба да го прочиташ прирачникот. Прирачникот не ги објаснува сите работи, но понекогаш треба да се чита "меѓу редовите" за да се сфатат некои работи. Читањето на прирачникот е дефинитивно неопходно. Доколку сакаш да читаш повеќе од нормалниот почетник, тогаш интересна лектира може да се најде овде. Исто така осигурај се претходно да прочиташ се останато.

2. Грешки што треба да се избегнат

2.1. Дали да се обидам со рандом трансфери?
- Не. Купување и продавање на играчи без многу мислење е сигурен начин за влегување во минус и за напуштање на играта поради банкрот. Твојот концепт сигурно не е банкротирањето?
Подобро е на почетокот да си направиш концепт за тренирање и потоа во склад со тој концепт да си купиш соодветни играчи (исто така при изборот на играчи за твојот тренинг концепт не треба да се расфрлуваш со парите кои на почетокот ги немаш многу).
Доколку клубот се наоѓа во финансиски тешкотии/минус, тогаш овде можеш да пронајдеш некои корисни информации и совети.

2.2. За мојот последен натпревар не наместив постава/поставив помалку од 9 играчи во последниот натпревар. Изгубив 0:5. Дали тоа ќе има негативни последици?
- Да. Играчите што требало да играат во тој натпревар нема да добијат тренинг за таа недела.

2.3. Инвестирам во младинска академија/младинска школа. Сигурен сум дека тоа е добро, бидејќи иднината им припаѓа на младите, точно?
- Основната идеја не е лоша, бидеќи ќе тренираш млади играчи за сениорскиот тим. Но, пред да инвестираш средства во кој и да е од двата младински система, треба да обрнеш внимание дека тие средства ќе мораш да ги одвојуваш секоја недела за евентуално во иднината тие средства да ти се вратат (дури и тогаш тоа не е 100% загарантирано). Младинската академија/школа е голема инвестиција за млад тим. Средства кои се подобро инвестирани за играчи кои ќе се тренираат во сениорскиот тим или средства кои може да се остават на страна дури не почне да ти се исплати тренингот (на пр. со продавање на тренирани играчи).
Младинската академија ќе те чини 200'000 МКД неделно и истата не може да се затвори кога ќе посакаш, ами ќе мораш да почекаш најмалку 6 недели, а истото ќе можеш да го сториш само доколку ја напуштиш лигата во која се наоѓаш. Во спротивно ќе мораш да почекаш уште подолго време.

2.4. Правила за однесување на форумот. Што е па сега тоа?
- Постојат правила за форумите и однесување на форумите и ти треба истите да ги почитуваш. Општите правила за однесување на форумите се наоѓаат овде (јавните форуми можат да имаат и специјални правила, така што внимавај на лепливите теми на форумот (sticky)).
Како што е напоменато, постојат правила и истите се тука за да се почитуваат. Доколку се држиш до нив нема да доживееш непријатни изненадувања. Доколку отвориш тема во форумот за прашања, истото треба да го сториш на љубезен и достоинствен начин. Луѓето што евентуално би ти одговориле на прашањето се исто така менаџери како и ти и тие одвојуваат време и енергија на волонтерска база за да ти одговорат на поставените прашања.

2.5. Дали стандрадните постави се нешто важно?
- Доколку немаш поставено стандардна постава, тогаш ризикуваш играње на натпревар со помалку од 9 играчи. Во нормални услови тоа не би се случило, бидејќи добар менаџер се логира во редовни временски интервали и знае што се случува со тимот. Но, понекогаш реалниот живот може да ги протресе твоите планови и може да се случи да нема да можеш да се логираш баш во тој момент кога ќе сакаш да наместиш постава или немаш можност за логирање пред да почне натпреварот (можеби Hattrick серверите не се онлајн? Или можеби твојата телефонска линија е оневозможена?)
Мал совет: Секојпат кога снимаш постава за актуелен натпревар, обележи ја кутијата "Сними ја оваа постава како стандардна". На тој начин твојата последна постава ќе биде воедно и стандардна постава.

4. Тренер

4.1. Која е ползата од тренерската вештина на тренерот?
- Тренерската вештина на тренерот е најважниот параметар при тренингот. Колку е тренерската вештина повисока, толку побрз е тренингот. Исто така, средната форма на тимот зависи многу од тренерската вештина на тренерот.

4.2. Дали има некоја полза од лидерските способности на тренерот?
- Водството одредува колку бргу тимскиот дух ќе се врати назад на нормалната вредност од 4,5. Доколку тимскиот дух е под неутралното ниво, тренер со високо водство ќе доведе до побргу зголемување на тимскиот дух. Доколку тимскиот дух се наоѓа над нормалата, тогаш високото водство ќе допринесе тимскиот дух да не паѓа пребргу.

4.3. На еден тренер му е потребно искуство, така?
- Не, искуството не влијае во тренерската способност. Искуството е важно само при конверзија на играч во тренер. Во тој случај високо искуство доведува до пониска цена на конверзија и го одредува максималното ниво на тренерската вештина. Еден играч со солидно (7) искуство при конверзија не може да се претвори во одличен (8) тренер. Максималното ниво на вештина на новиот тренер е одличен (8).

4.4. Дали на тренерот му се потребни други вештини?
- Не. Останатите вештини не влијаат врз способностите на тренерот.

4.5. Дали постои некоја специјална плата за тренерот?
- Не. Како и секој друг играч тренерот ќе биде платен во согласност со вештините. Но, тренерите во нормален случај имаат ниски или непостоечки вештини, така што платата им е ниска.

4.6. Како да назначам нов тренер?
- Постојат два начини. Можеш да регрутираш екстерен тренер или да назначиш твој играч како тренер. Доколку назначиш сопствен играч, тогаш тој мора да исполнува неколку услови кои се објаснети подолу.

4.7. Дали тренерот да биде одбранбено ориентиран, напаѓачки ориентиран или неутрален?
- Зависи од тренинг концептот што го имаш одбрано. Офанзивен тренер е можеби пожелен доколку се тренира одбрана, бидејќи одбраната се зајакнува преку тренингот и обратно за дефанзивниот тренер. Се разбира, изборот на тренер зависи и од личните преференци. Навистина нема некое универзално решение за изборот на видот на тренер.

Статистички податоци на англиски кои го покажуваат ефектот на различни тренинг типови: Coach's tactics.

4.8. Сакам еден од моите играчи да го назначам за нов тренер. Како да го сторам тоа?
- Како прво, овој начин на поставување нов тренер е од особено значење допрва кога ќе научиш (и имаш потреба) да манипулираш со нивото на тимскиот дух. Исто така, нема смисла да назначиш некој од твоите играчи како тренер, доколку неговите лидерски способности се слаби (4) или пониски од тоа ниво. Ќе почнеш да штедиш пари допрва со преодно (6) водство па нагоре (нешто поефтини се и конвертирани тренери со недоволно (5) водство).
Искуството е од исклучителна важност при конверзија на играч во тренер. Колку е искуството повисоко, толку е цената на конверзијата пониска (нивото на водството не влијае во цената). Тренерската вештина не може да биде повисока од искуството на играчот во моментот на конверзија. Играч со преодно искуство може да се претвори во тренер со преодна тренерска вештина, но не во тренер со солидна тренерска вештина.
Исто така како забелешка: играчот што имате намера да го претворите во тренер мора да бил најмалку 16 недели (112 дена) во вашиот тим и да има слаб (4) искуство, за истиот да може да биде претворен во тренер.

4.9. Дали е можно да се подобри лидерката способност на тренерот или на некој од играчите?
- Не, тоа не е можно.

4.10. Мојот тренер е повреден. Дали тоа влијае врз тренингот?
- Не, повредата на тренерот нема последици по тренингот.

5. Персонал

5.1. Која е улогата на персоналот?
- Секој член од персоналот има одреден ефект на некој дел од тимот. Доколку вработите повеќе членови на персоналот од ист вид, тогаш нивниот ефект ќе се зголеми, но доприносот на секој дополнителен член ќе биде помал отколку допринесот на претходно вработениот (доприносот не е линеарен).

5.2. Колку ќе ме чини персоналот?
- Секој член на персоналот те чини 36'000 МКД неделно. Отпуштањето на член од персоналот ќе те чини дополнителни 36'000 МКД. Самиот акт на вработување не те чини ништо. Еден мал совет: Доколку планираш да отпуштиш член од персоналот, тогаш тоа треба да го сториш пред финансиското ажурирање за таа недела - петок во 23:20, за да имаш максимален учинок од нивното дејство.

5.3. Колу членови од персоналот треба да вработам?
- Теоретски можеш да вработиш до 10 членови од секој вид на персонал. За почеток е доволно да вработиш помеѓу 5-6 помошници тренери, 1 физиотерапевт, 1 портпарол. Со тек на време како јакнеш финансиски, бројот на помошници тренери можеш да го зголемиш до 9 или 10, физиотерапевтите на 3-4, а бројот на портпаролите е зависен од бројот на навивачи. Бројот на спортските психолози е битен допрва откако ќе бидеш компетитивен во IV-та лига.

5.4. За што служат портпаролите?
- Портпаролите имаат позитивно влијание врз расположението на спонзорите и на навивачите. Паричните средства од спонзорите зависат од големината на навивачкиот клуб и од расположението на спонзорите. Златно правило е на секои 250-300 навивачи по еден портпарол. Повеќе информации за спонзорите можеш да најдеш овде и овде.

5.5. Може да ми објасниш нешто повеќе за помошниците тренери?
- Тие ја зголемуваат брзината на тренингот и ја подобруваат средната вредност на формата во тимот. Како почетник ќе треба да се задоволиш со 5-6 помошници, за потоа да зголемиш на 9-10.

5.6. Има ли полза од физиотерапевтите?
- Тие го намалуваат ризикот од повреди кај играчите. За жал, нивниот реален ефект е непознат. На почеток е доволно да вработиш 1-2. Кога ќе зајакнеш финансиски ќе можеш да вработиш повеќе доколку сметаш дека ти се потребни.

5.7. Спортски психолози. Дали моите играчи се навистина нестабилни личности?
- Спортските психолози влијаат врз тимската самодоверба. Тимската самодоверба влијае директно врз рејтинзите во нападот и е правопропорционална со влијанието врз рејтинзите. Од прирачникот следи дека психолозите исто така имаат влијание врз тимскиот дух, но до кој степен се одразува тоа влијание е непознато. Ефектот на психолозите може да се види веднаш по компетитивен натпревар и по неделното финансиско ажурирање. Овде можеш да најдеш повеќе информации во врска со самодовербата.

5.8. Што е со докторите. Каква е ползата од нив?
- Вработувањето на докторите ќе ја зголеми брзината на оздравување на повредените играчи. Во основа, брзината на оздравувањето на играчите од повредите зависи од видот на повредата (+1, +2 ...), бројот на докторите и староста на играчот. Млади играчи со повреди од тип +1 или +2 со 4 доктори ќе заздрават за помалку време отколку што е типот на повреда. Доприносот на бројот на докторите не е линеарен. Постојат доста пресметувачи на брзина на заздравување, но не сите се точни (некои користат стари формули). Еве еден којшто можете да го користите.

6. Тренинг

6.1. Зошто е толку важно да се следи сериозен тренинг план?
- Тренирањето на играчите има повеќе предности. Како прво, го зајакнува оној дел од тимот што се тренира, а како второ - финансискиот дел по продажбата на тренирани играчи ќе ти овозможи да регрутираш уште подобри играчи. Но, најважно од се е дека тренингот ќе ти овозможи еден вид на економско осигурување за преживување во ХТ светот.

6.2. Јас сум почетник. Дали постојат типови на тренинг кои се особено лесни/полезни за мене?
- Hattrick нуди голем број на тренинг видови. Најсоодветен тип на тренинг за почетници: на гол, напад, креирање игра, одбрана. Нафрлувања (крило) е доста комплициран тренинг, а долготраен тренинг на "од прекин" бара големи финансиски средства, кои ти како почетник ги немаш.

6.3. Кого да тренирам?
- Ќе си купиш млади играчи помеѓу 17 и 19 години, а истите (или дел од нив) ќе ги продадеш по неколку сезони постојан тренинг. За да добијат тренинг, играчите мораат да играат на позиции кои се релевантни при одбран тип на тренинг. Ништо не те спречува играчите (или дел од нив) да ги задржиш штом мислиш дека нивниот тренинг е завршен и се префрлиш на тренинг на друг дел од тимот.

6.4. Дали пријателските натпревари се навистина важни?
- Да. Тие овозможуваат да тренираш повеќе играчи во текот на една ХТ недела (двојно повеќе) и на тој начин ти го зголемуваат профитот при продажбата на тренирани играчи. Истите овозможуваат побрзо увежбување на различни формации и воедно можат да ти ги зголемат примањата (преку посетеноста на стадионот).

6.5. Колкаво ниво на тренинг да поставам?
- Никој не те присилува да поставиш одредено ниво на тренинг, но ако поставиш 100%, тогаш формата на твоите играчи нема да се замрзне, а истовремено твоите играчи го добиваат максимумот од тренингот.

6.6. Дали постои идеален кондиционен удел во тренингот?
- Не. Секоја екипа се состои од различни играчи и поради тоа има поинакви побарувања (поради старосната структура на тимот). Повеќе за кондицијата можеш да прочиташ овде.

6.7. Од што зависи брзината на тренингот?
  • тренерската вештина
  • број на помошници тренери
  • ниво на тренинг
  • годините на играчите што се тренираат
  • моменталното ниво на вештина
  • видот на тренинг
  • број на минути одиграни на позиција што се тренира во текот на една ХТ недела
  • колку е повисок кондициониот удел, толку е помал уделот на тренингот и обратно
6.8. Кои играчи добиваат тренинг на вештина?
- Секој играч што заиграл на позиција соодветна на одбраниот вид на тренинг ќе добие онолку тренинг колку што играчот играл на терен. Можни се максимум 90 минути тренинг во текот на една ХТ недела (од четврток до четврток). Доколку еден играч играл повеќе од 90 минути на соодветна тренинг позиција тој сепак ќе добие тренинг за само 90 минути.

6.9. Мојот играч мораше да го напушти теренот поради два последователни жолти картони, односно поради црвен картон. Дали сепак ќе добие тренинг?
- Да, но само за онолку минути, колку што играчот бил на терен. Се разбира, позицијата на којашто играчот играл мора да е соодветна со видот на одбраниот тренинг.

6.10. Поради повреда еден играч мораше да излезе и да се замени со друг. Дали излезениот играч ќе го добие својот дел од тренингот?
- Да, но само за онолку минути, колку што играчот бил на терен. Се разбира, позицијата на којашто играчот играл мора да е соодветна со видот на одбраниот тренинг.

6.11. Поради повреда еден играч мораше да излезе и да се замени со друг. Дали замената ќе го добие неговиот дел од тренингот?
- Да, но само за онолку минути, колку што замената била на терен. Се разбира, позицијата на којашто играчот играл мора да е соодветна со видот на одбраниот тренинг.

6.12. Мојот играч во последниот лигашки натпревар мораше да го напушти теренот поради два последователни жолти картони, односно поради црвен картон. Тој играше на позиција релевантна за тренингот. Дали има смисла да го поставам да игра на соодветна тренинг позиција во следниот пријателски натпревар?
- Да, минутите се собираат до максимум од 90 можни тренинг минути. Пример: тренираш креирање игра. Играчот играл 50 минути како врскар во лигашкиот натпревар и потоа добил црвен картон. Дај му да игра 40 минути како врскар во пријателскиот натпревар веднаш по лигашкиот и тој ќе го добие максимумот од тренингот за таа недела.

7. Видови на тренинг

7.1. На гол

Предности:
  • само двајца тренирци. Ќе имаш повеќе парични средства што можеш да ги употребиш за да го зајакнеш тимот.
  • апсолутна формациска слобода. Можеш да играш со која и да е формација и истите да ги уигруваш.
  • брзо "вртење" на паричните средства: за една сезона ќе можеш да ги продадеш голманите (или само еден) и да се стекнеш со голем прилив на нови средства и така да преминеш на друг вид на тренинг или да останеш на истиот.
  • фер трансфери: голманската вештина може секогаш да се провери со соодветна алатка за проверка на истата. Знаејќи го точното подниво на вештината е од значајна предност при продавање или купување на голмани.
  • брзи "качувања" на вештина
Негативности:
  • на долги патеки се профитира послабо
  • тимот напредува доста тешко
  • ниту еден од битните делови на тимот не се тренира. Гоманот е важен, но не е најважен.
7.2. Одбрана

Предности:
  • евтини тренирци
  • со тек на време ќе можеш да зготвиш прилично силен тим (додуша ќе ти треба тактичко знаење и умешност за таа цел)
  • централните одбранбени и бековите добиваат 100% тренинг; тоа ти овозможува да тренираш до максимум 5 играчи по натпревар и до 10 играчи во текот на една ХТ недела.
Негативности:
  • да купиш 10 добри тренирци може да се покаже како доста скапа работа
  • немаш баш некоја слобода во врска со формациите. Доколку сакаш да оствариш максимум профит ќе мораш да се држиш до формациите со петмина дефанзивци 5-4-1, 5-3-2 или 5-5-0. Се разбира можни се и 4-4-2 или 4-5-1 за лигашки натпревари, но на тој начин ќе тренираш само 9 играчи.
  • ова е најспориот тип на тренинг
  • победите нема да бидат баш толку чести. Доколку сакаш да уживаш во плејада на голови (во туѓата мрежа), тогаш ова може не е баш најсоодветниот тип на тренинг за тебе.
7.3. Врскари

Предности:
  • пристоен профит
  • пристојна брзина на тренинг
  • противниците полесно се победуваат доколку доминираш со средниот ред
  • 3-5-2 е главната формација за овој вид на тренинг и се смета како најповолна формација во мнозинството натпревари
Негативности:
  • потребни се секундарни вештини (одбрана, додавање или крило) за да се максимира профитот
  • тренирци со секундарни вештини се поскапи, а тоа може да се одрази на финансиски план, бидејќи потребни ти се 6 тренирци како врскари и 4 како крила. Врскарите добиваат 100% тренинг, а крилата 50%.
7.4. Напад

Предности:
  • само 6 тренирци за кои треба да се грижиш
  • релативно брз тренинг
  • ги подобрува твоите рејтинзи во напад (особено централниот напад)
Негативности:
  • слаба формациска флексибилност: можни се само 3-4-3, 4-3-3, 2-5-3 или во многу ретки случаи и 5-2-3
  • сериозни тренирци се скапи
  • потребни се секундарни вештини (додавање или на крило) за да се максимира профитот
  • ќе ти треба поприлично сила во средниот ред за да бидеш конкурентен на почетокот од тренингот
7.5. Нафрлувања (крило)

Предности:
  • брз тренинг
  • тренирците во основа се ефтини (додуша висок профит е можен само доколку играчите поседуваат сериозни секундарци - поголеми од недоволен (5), што од друга страна поприлично ги поскапува тренирците)
  • висока формациска флексибилност (може да се користат сите формации без да изгубиш тренинг место)
Негативности:
  • 4 тренирци (бековите) добиваат само 50% од тренингот
  • релативно комплексен вид на тренинг: нема да можеш да го максимираш профитот и да користиш тактичка флексибилност без доволно искуство.
7.6. Крилни напади

Предности:
  • ти дозволува да тренираш повеќе тренирци отколку со нафрлувања (крило)
Негативности:
  • 10 тренирци (кои можат доста да те чинат)
  • без посебна формациска флексибилност. Доколку сакаш да го максимираш профитот од тренингот. Принуден си на формациите 3-4-3, 4-3-3, 2-5-3 или 5-2-3 (без врскари)
  • брзината на тренингот е околу 63%-67% од онаа на нафрлувања (крило)
  • препорачливо само на ниски нивоа на вештини, бидејќи и со "успорениот" тренинг, сепак се добиваат пристојни резултати.
7.7. Додавање

Предности:
  • добро платена вештина на трансфер пазарот
  • тренингот е брз (кратки додавања)
Негативности:
  • ти требаат доста финансиски средства за да купиш соодветни тренирци
  • 16 играчи можат максимално да се тренираат, но тие треба да ги купиш, а платите нема да им бидат ниски
  • 2-5-3 е единствениот начин да се максимира профитот
  • не е погоден за почетници
7.8. Од прекин

Предности:
  • тотална формациска слобода
  • се тренираат сите играчи, а воедно бонус од 25% за изведувачот на прекините и за голманот (што повлекува дека до 4 играчи можат да го добијат бонусот)
Негативности:
  • за ова ти требаат доста финансии, бидејќи може да се тренираат 22 играчи кои првин треба да се купат (не сметајќи ги евентуалните замени); сите играчи би требало веќе да имаат развиени вештини
  • тимскиот дух и формациската уиграност страдаат поради големиот број на трансфери
  • непрепорачливо за почетници
7.9. Кондиција
- Кондицијата порано беше можно да се тренира, но денес единствениот начин да се тренира е со доделување на кондиционен удел во тренингот. Повеќе информации за кондицијата може да прочитате овде.

7.10. Постојат и други видови на тренинг?
- Да, но тие не се препорачливи за нови корисници и во основа само одреден мал процент на менаџери ги користат, бидејќи се мошне комплексни и потребно е повеќе време за да се види вистинска полза.

8. Кондиција

8.1. Дали постои идеален кондиционен удел?
- Не постои такво нешто. Секој тим има различна старосна структура и со тоа различни потреби што се однесува до кондициониот удел. Потребно е самиот да пронајдеш кој е идеалниот кондиционен удел за твојот тим. Имај на ум дека како што стареат играчите за да го одржиш кондиционото ниво или да им го зголемиш ќе ти биде потребно поголем кондиционен удел отколку кога играчите би биле помлади. За таа цела потребно е да експериментираш. Да се заокружи: кондициониот удел може да биде превисок, но исто така може да биде и пренизок. Избегнувај ги двата случаи.

8.2. Дали постојат некои општи правила за кондициониот удел?
- Кондициониот удел треба да се одбере така што ќе се осигура дека играчите нема да губат од вредноста за кондиција. Треба самиот да пронајдеш кој е оптималниот кондиционен удел за твојот тим. Овде ќе најдеш сериозна студија во врска со кондицијата.

8.3. Врз што влијае кондицијата?
- Кондицијата има влијание врз многу делови.

а) Влијание врз натпреварот
  • мала кондиција предизвикува играчот да се заморува порано, а со тоа да опаѓа неговиот придонес во рејтинзите.
  • одбранбен играч којшто страда од ниска кондиција, а се спротивставува на напаѓач со висока кондиција може да предизвика појавување на специјален настан во корист на напаѓачот.
б) Влијание врз тренингот
  • секоја недела еден дел од вкупниот тренинг се доделува на кондициониот тренинг. Тренингот на вештината се продолжува колку што кондициониот удел се зголемува.
  • староста на играчите е важна за зголемување на општата кондиција на играчот. Младите играчи ја зголемуваат кондицијата без потешкотии, додека на старите играчи им треба значително време и (понекогаш) поголем кондиционен удел.
  • многу ниски вредности за кондицијата се качуваат побргу отколку високи вредности (под претпоставка дека сите други параметри важни за кондицијата се идентични). Додуша ова не е толку важно, бидејќи сите млади играчи (извлечени од академијата) имаат слаба (4) кондиција.
8.4. На кој од играчите им треба најмногу кондиција?
- На сите играчи им треба кондиција или во спротивно ќе се заморуваат побргу и со тоа рејтинзите на тимот исто така ќе се намалат во текот од натпреварот. На врскарите и на сите други играчи (офанзивни дефанзивци, повлечени напаѓачи и крилата со вредности во креирање игра) кои допринесуваат значително кон рејтингот на средниот ред (особено крила со наредби кон средина) би требало да имаат релативно висока кондиција.

9. Поставки/наредби за натпреварот

9.1. Која е релацијата помеѓу поставата и тренингот?
- Поставата треба да се намести во согласност со одбраниот вид на тренинг. Доколку одберете напад, тогаш паметно е да се играат формации со 3 напаѓачи (3-4-3, 4-3-3 или 2-5-3 - или екстремна 5-2-3). На тој начин се овозможува тренинг на максимален број на тренирци. Формацијата 4-5-1 тоа нема да ти го овозможи. Доколку одбереш креирање игра како тренинг, тогаш би требало да се држиш до формации со 5 играчи во средниот ред (2-5-3, 3-5-2, 4-5-1 или 5-5-0). Некој што тренира одбрана би требало да одбере 5-3-2, 5-4-1 или 5-5-0 формација. На тој начин се овозможува тренирање на максимален број на играчи (за разлика од формацијата 4-4-2 или 4-3-3). Но никогаш не е исклучено од време на време да се игра формација која не е оптимална за тренингот.

9.2. Сигурен сум дека постои формација која е надмоќна над сите останати, така?
- Не, не постои таква формација.

9.3. Кога има смисла да се употребува тактика?
- Тоа зависи од твојот противник. Тактиката има смисла само доколку твојот тим е оптимизиран за играње на некоја посебна тактика, на пример што се однесува до додавањето и специјалните способности. Повеќе за тактиките можеш да прочиташ овде.

9.4. На страничката со поставата постои можноста да се дадат разно-разни наредби како: "офанзивно", "дефанзивно" и доста други интересни работи. Објасни ми поконкретно.
- Офанзивен играч придонесува повеќе кон нападот (конкретно значи зголемен придонес кон средниот ред и нападот). Дефанзивен (повлечен) играч ќе има зголемен придонес кон средината (за повлечени напаѓачи) или одбраната (за останатите позиции). Играч со наредба за играње кон средина ќе има зголемен придонес кон централните сектори (бек кон средина или крило кон средина). Играч којшто игра кон крило ќе има зголемен придонес кон надворешните сектори. Доколку еден играч има посебни наредби, тогаш рејтинзите од секторите ќе се сменат и ќе бидат поконцентрирани во зависност од наредбите на играчот. Пример: офанзивен врскар ќе придонесе помалку во одбраната и кон средниот ред, но затоа ќе има зголемен придонес кон нападот. Види ја исто така табелата со индивидуални наредби до која можеш да пристапиш преку поглавјето "Постава: Основи".
Исто така можеш на еден играч да му доделиш друга позиција, во зависност од неговата моментална позиција.

9.5. Како размислува противникот?
- Најверојатно противникот се прашува истото. Треба да научиш да го набљудуваш противникот и на тој начин ги разоткриеш неговиот стил на игра, тренингот што го следи (можеби ќе ја игра истата формација што досега ја играл). Каков вид на тренер има, кои му се лидерските способности? Дали менаџерот се логира во редовни временски интервали? Значи: набљудувај го противникот и гледај да погодиш како ќе ти игра. Колку повеќе дознаеш низ набљудувањето, толку подобро за тебе.

9.6. Не постои ни теоретска шанса за победа. Што да сторам?
- Ретко се случува да немаш баш никаква шанса, но одвреме на време може да се случи изгледите за успех да се многу ниски. Во такви случаи може да е тактички паметно да се одигра "опуштено" за во случај сопствениот тренер да поседува лидерски способности од недоволен (5) или повисоко (во наредниот натпревар ќе имаш бонус на рејтинзите на средниот ред) или пак доколку тимскиот дух во последно време опаднал поради играње на "натпревар на сезоната".

9.7. Дали постојат помошни алатки за поставување на постава за натпревар?
- Постојат неколку. Некои од нив даваат и предвидувања на рејтинзите со индикација за веројатност на победа, реми или пораз. Во основа, алатките се само помошници кои не ја предвидуваат идината ами се само показатели за веројатности. "Никогаш не и верувај слепо на една алатка" е разумно мото кон кое би требало да се држиш. Алатките никогаш не ги користат вистинските ХТ-формули и во тој поглед може да се сметаат само како (добри или лоши) предзнаци. Самиот ХТ-енџин има еден вид на предвидени рејтинзи и во склоп со Foxtrick може да се добијат прилично добри предвидувања за рејтинзите при што може да се земе во предвид и кондицијата на твоите играчи.

9.8. Дали е важно да победувам во пријателските натпревари?
- Не (освен ако мислиш дека "перчењето" ти личи). Резултатите од пријателските натпревари немаат икакво влијание врз тимот или кој и да е сегмент од играва. Исто така, црвените или жолтите картони од пријателските натпревари имаат важност само до крајот на натпреварот - потоа истите се бришат.

Превод и адаптација на македонски јазик minskj

0 коментари:

Post a Comment