26 May 2013

На запад ништо ново, а богами и во Македонија

На прагот од јубилејната за нас 30-та сезона, Македонија се обидува да се разбуди од длабокиот зимски сон. Но, колку ќе биде успешна во тоа, треба допрва да видиме. Сеуште сме без пласман на светско првенство со сениорската репрезентација, а сме и 3 и пол години без пласман на првенство со младинската репрезентација. Старо-новиот селектор на сениорската репрезентација ветува пласман на светско, а кај младинците се припрема генерација за освојување медал. Но, која е веројатноста за овие работи да се остварат?

Додека ние секојдневно се расправме и не правиме ништо конструктивно, многу репрезентации (коишто се колку нас, а некои и помали по број на корисници) се изборија за својот пласман на некое од светските првенства. Саудиска Арабија, Велс, Албанија се само дел од малите заедници кои се пласираа кај сениорите, а Лихтенштајн, Малта, Нигерија и други се пласираа кај младинците. Што е тоа што тие го имаат, а ние го немаме? Заинтересирани корисници? Знаење? Искуство? Организација?

Во една своја колумна пред 2 и пол години, coldwar-GIGANT истакна дека поради погрешните политики на двојниот селектор во тоа време, многу корисници се откажале од играта, па токму затоа заедницата броела два пати помалку наместо повеќе корисници. Денес во улогата на обвинителот coldwar се други личности, а во улогата на двојниот селектор е друг обвинет пред судот на јавноста. Но, дали и колку може една личност да влијае врз бројот на корисници во една игра? Дали фактот што Харалампие Хаџиристески ја крадеше федерацијата 10 години наведе некого да не гледа повеќе фудбал? Дали фактот што Мирсад Јонуз губеше од аматерски репрезентации наведе некого да не гледа повеќе фудбал? Веројатно наведе многумина да се откажат од инволвираност во македонскиот фудбал, но никој од нив не престана да игра и гледа фудбал.

Да бидеме искрени, оние што се откажале од Hattrick се откажале бидејќи не им се допаѓала играта, а не затоа што некој му сметал на некого. Ако мене ми се допаѓа играта, ќе ја играм без разлика на тоа кој е селектор, кој е скаут, или кој напишал и што напишал на форум. Доволен доказ за тоа е големиот број на корисници кои ги имаат своите тимови уште пред 2008 година или порано и сешуте активно играат. Очигледно фактот што бројот на корисници паѓа на глобално ниво не значи ништо за одредени личности, па секогаш е најдобро вината да ја бараме во нашата заедница. Уште една можност за конфликт, во тоа сме најдобри. Дури и да постојат личности кои се откажале поради такви околности, не би биле повеќе од 10% од вкупниот број на откажани корисници.

Зарем во сите држави на Hattrick постојат такви личности коишто ги "бркаат" корисниците со своето однесување? Зарем Hattrick пропаѓа поради 100-тина корисници? Во 2009 година Hattirck броел преку 950.000 корисници, а Македонија броела околу 1.000. Денес Hattrick има околу 550.000 корисници, а Македонија 500.

Меѓусебното обвинување и политиканство на форумот доведе до голема омраза којашто не носи ништо добро. За момент некои корисници повремено се "дрзнуваат" да речат дека конечно е дојдено време за обединување. Обединувањето во Македонија било, е и ќе биде само сон на патриотите, ништо повеќе, ништо помалку. Па видете, дури ни Никола Карев и компанијата не успеаа да ја обединат Македонија, а што остана за нас? Дали Македонија ќе се врати на старите победнички патеки со младинската репрезентација и дали ќе успее истовремено да ја извади на таа патека и сениорската, останува само да чекаме и да видиме. Посекако ретко кој е заинтересиран да помогне.

Со овој прв напис го означувам рестартот на она што некогаш постоеше за забава и дружба, со надеж дека ќе донесе нешто добро и нешто свежо во нашата мала и заспана заедница. Овојпат наместо со забава, започнувам со коментар и прашања за дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваме. Дијалогот е начин за да се надминат проблемите коишто ги имаме, но него на македонскиот форум одамна го нема. Hattrick продолжува да тоне, а очигледно и ние со него.

2 comments:

  1. [quote]Додека ние секојдневно се расправме и не правиме ништо конструктивно, многу репрезентации (коишто се колку нас, а некои и помали по број на корисници) се изборија за својот пласман на некое од светските првенства.[/quote]

    Се работело и сеуште се работи "партиски" кај нас. Секој селектор си зема "свој" играчи во НТ, затоа успехот е и ќе остане дел од нашите ХТ соништа.
    Најискрено се надевам на подобрување на работите во иднина, во НТ од Саша не треба да се очекува ама баш ништо со оглед на играчкиот кадар, а за У20 ќе видиме, за почеток делува ветувачки!

    ReplyDelete
    Replies
    1. Да се надеваме дека ќе го оствариме сонот еден ден.

      Delete